Општина Центар во соработка со Здружението на граѓани ОРТ - Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ почна со спроведување на проект за собирање отпадна пластична амбалажа и нејзина преработка.
Проектот „Собери ПЕТ да добиеш 5“ има за цел намалување на пластичниот отпад од вкупниот отпад во депонијата Дрисла.
Проектот ќе се спроведува 14 месеци, а е поддржан од ГЕФ проектот за мали грантови, Македонија. Во рамки на проектот ќе се спроведе организирано собирање на пластични шишиња во одредени пунктови во секое училиште и транспорт до фирма за преработка, едукативни работилници, настани за одбележување на еколошки празници и наградни игри и натпревари помеѓу училиштата.
За сите училишта обезбедени се термо - преси за пресување на пластични шишиња, за намалување на волуменот, пред нивното одлагање и транспортирање до фирмата за преработка.
Со проектот, се воспоставува организиран и затворен систем за третман на пластичниот отпад, од неговото собирање, намалување на волуменот и преработка до секундарни суровини.
Средствата од продажбата на пластичниот отпад, според собраната количина ќе бидат префрлени на основните училишта за обнова на училиштата или купување на училишни материјали и прибор за настава.
Едукативни предавања за проектот Собери ПЕТ за да добиеш (5)
Во периодот од 01. до 31.03.2012 година, во сите основни училишта во Општина Центар се одржуваат едукативни предавања за проектот Собери ПЕТ за да добиеш (5), проект за собирање и за рециклирање на пластични шишиња и други видови на пластична амбалажа.
Целта на едукацијата е да се запознаат децата со процесот на селективно собирање и рециклирање на пластичната ПЕТ амбалажа и другите видови на пластика. |